Драги колеги,
На наше големо задоволство ве известуваме дека на покана на Европското здружение за радиологија на дојка (EUSOBI) започнавме соработка преку потпишување на меморандум за разбирање кој ја изразува заедничката намера за размена на искуства, информации и податоци за радиологија на дојка.
Целта на оваа блиска соработка е да создаде заеднички истражувања, изјави, насоки и препораки за скрининг и дијагностички стандарди со нашите европски колеги. Оваа соработка значи дека EUSOBI ја препозна целта на нашето здружение и нашата досегашна макотрпна работа.
Дозволете ми да ви се заблагодарам, бидејќи Вие со Вашиот придонес и учество имате голема заслуга за ова.
Би сакала да ја искористам оваа прилика да ви соопштам дека во план е одржување на курс од страна на EUSOBI во Македонија, којшто ќе биде одлична можност да се слушнат последни новости од истакнати европски предавачи и да се стекнеме со повеќе знаење.
Ве покануваме да ја посетите веб страницата на EUSOBI каде што ќе најдете тековни информации за радиологијата на дојка на европско ниво, како и повеќе информации за активностите на EUSOBI, како на пример можноста да се стекнете со т.н. Европска диплома во имиџинг на дојка (EDBI).
Истовремено би сакала да ве поканам да ја посетувате нашата домашна веб страница каде што ќе продолжиме да објавуваме информации од локален карактер, на македонски и англиски јазик. Не заборавајте дека можете да оставите коментари, прашања и идеи.
Би сакала да ве потсетам да го регулирате вашиот статус на член на Македонското здружение за радиологија на дојка, доколку не сте го сториле истото. Процедурата е многу едноставна и износот на чланарината е многу симболичен. Со ова ќе можете целосно да ги уживате придобивките од нашата соработка со EUSOBI.
Срдечно,
Светлана Темелковска
Претседател на Македонското здружение за радиологија на дојка